СЛАВАТА НЕ СЕ МЕРИ СО БОГАТСТВОТО НА ТРПЕЗАТА, ТУКУ СО ЧИСТОТАТА НА СРЦЕТО!
Доаѓа времето на домашните слави. Повторно ќе се подготвуваат трпези, ќе се купува храна, ќе се покануваат гости, ќе се планираат менија, ќе се споредуваат подготовки и ќе се размислува дали има доволно од сè за секого. Некои ќе ги наполнат домовите со гости, други ќе резервираат ресторани, а трети ќе се грижат дали нивната трпеза ќе биде доволно богата и свечена.
Но, пред да започнеме со сите подготовки, да застанеме за миг и да си поставиме едно многу важно прашање: Дали навистина разбираме што славиме и кого прославуваме?
Славата не е натпревар во гостопримство, ниту натпревар во богатство, храна и пијалаци. Не е ден кога треба да покажеме колку можеме да потрошиме, колку гости можеме да угостиме или колку раскошна трпеза можеме да подготвиме. Славата е пред сè духовен настан во домот, ден кога со молитва и благодарност го прославуваме Бога и си спомнуваме за светителот што го имаме за домашен молитвен застапник.
Светителите што ги прославуваме не очекуваат од нас преполни маси, скапи јадења, десетици видови храна и голем број гости. Тие не доаѓаат во нашите домови за да видат колку сме потрошиле, туку, ако така можеме да се изразиме, да нè потсетат на патот по кој и самите тие оделе – патот на верата, смирението, љубовта, милосрдието, пожртвуваноста и светоста.
Што би имало од тоа да подготвиме трпеза од која се свиткуваат масите, а во срцето да носиме завист кон соседот? Што би имало од тоа да угостиме педесет гости, а со години да не разговараме со сопствениот брат? Каква вредност има богата слава ако во домот нема мир, ако сопружниците живеат во постојани расправии, ако родителите и децата не си простуваат, ако на сиромавиот не сакаме да му подадеме рака, а на човекот што ни згрешил не можеме да му простиме?
Можеме да ја украсиме масата, но дали сме го украсиле срцето со добри дела? Можеме да го наполниме домот со гости, но дали сме оставиле место за Бога во нашиот живот? Можеме да подготвиме многу јадења, но дали сме подготвени да нахраниме и некој гладен што нема можност да си подготви ниту најскромна трпеза?
Не е најважно колку луѓе ќе седнат на нашата маса, туку колку луѓе ќе почувствуваат љубов од нас. Не треба да се разбереме погрешно. Гостопримството е убав христијански обичај. Заедничката трпеза, радоста на семејството, присуството на роднините и пријателите и желбата да ги пречекаме со почит се нешта што имаат свое место во нашиот живот. Но, тие не смеат да станат главната цел на славата, ниту повод за задолжување, натпреварување и покажување пред другите.
Никој не треба да се задолжува за да приреди слава. Никој не треба да се срами затоа што нема средства за богата трпеза. Никој не треба да чувствува дека неговата слава е помалку вредна затоа што ќе има само најблиски во домот, едно скромно јадење, славска свеќа, икона, молитва и славски леб.
Доволно е домот да биде исполнет со молитва, а срцето со благодарност. Да се подготви славскиот леб, да се благослови и да се прекрши со молитва, да се запали свеќата, да се принесе молитва кон Бога и да се побара застапништвото на светителот што го прославуваме. А потоа, според можностите, да ги пречекаме ближните со љубов.
Но, постои нешто уште поважно од сето тоа. Ако го прославуваме свети Никола, дали сме подготвени да бидеме милосрдни како него? Ако го прославуваме свети Ѓорѓи, дали имаме храброст да се бориме против сопствените страсти и гревови? Ако го прославуваме свети Јован, дали се трудиме да живееме во вистина и покајание? Ако го прославуваме свети Архангел Михаил, дали се бориме против злото најнапред во сопственото срце? Ако го прославуваме некој светител кој својот живот го посветил на молитвата, дали и ние одвојуваме време за Бога?
Светителот не треба да ни биде само име на календарот, ниту повод еднаш годишно да направиме свечена трпеза. Тој треба да ни биде пример за христијански живот. Да се запрашаме што можеме да научиме од неговиот живот и што треба да промениме во нашиот.
Можеби најубавиот подарок што можеме да му го принесеме на Бога во денот на нашата слава е да бидеме подобри луѓе отколку што сме биле вчера. Да се помириме со оној со кого сме скарани. Да престанеме да озборуваме. Да не враќаме зло за зло. Да му помогнеме на човекот во неволја. Да ги посетиме старите и осамените. Да им посветиме повеќе внимание на сопругот, сопругата и децата. Да најдеме време за молитва и да побараме прошка за сопствените гревови.
Затоа, драги верници, ве повикуваме оваа година славите да ги доживееме поинаку. Да не дозволиме подготовката на храната да ја потисне духовната подготовка. Да не дозволиме грижата за гостите да ја засени молитвата. Да не дозволиме желбата да импресионираме некого да ја засени благодарноста кон Бога.
Нека нашите домови бидат места на молитва, мир и љубов. Нека славскиот леб биде подготвен со вера, свеќата запалена со молитва, а трпезата поставена со благодарност и според нашите можности. И нека секој што ќе влезе во нашиот дом почувствува дека таму се слави светител, а не богатството на домаќинот.
Зашто вистинската слава не завршува кога ќе си заминат гостите, кога ќе се расчисти трпезата и кога ќе се изгасне свеќата. Вистинската слава продолжува утредента – во тоа дали ќе бидеме помилосрдни, посмирени, потрпеливи, поискрени и поблиски до Бога.
Не прашувајте се само дали имате доволно храна за сите гости. Запрашајте се дали имате доволно љубов за сите ближни.
Нека ни бидат славите празници на верата, а не натпревар во раскош. Нека ги славиме светителите не само со зборови и трпези, туку пред сè со живот достоен за нивниот свет пример.

