Виница повторно добива градежен инспектор преку соработка со Општина Берово
Општина Виница, преку меѓуопштинска соработка со Општина Берово, повторно добива на располагање градежен инспектор, објави градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски.

Костадиновски упати благодарност до Општина Берово, градоначалникот Петар Ружински и Советот на Општина Берово за подготвеноста, разбирањето и поддршката со кои беше овозможено воспоставувањето на соработката во областа на градежната инспекција.
Според него, ова по подолг временски период претставува особено значаен чекор за функционирањето на општинската администрација и за спроведувањето на законите во оваа област.
„Ако сакаме ред, уредена општина и одговорно урбано планирање, пред сè мора да ги почитуваме и доследно да ги применуваме законите. Нема уредена општина без институционален надзор, одговорност и еднакви правила за сите“, нагласи Костадиновски.
Тој оцени дека ова е уште еден пример дека преку меѓуопштинска соработка, заемно разбирање и институционална поддршка можат да се надминуваат предизвиците и да се обезбеди подобро функционирање на локалната самоуправа.

