Црвен крст Делчево реализираше врсничка едукација под мотото „Информирај се и донеси одлука!“ во СОУ „Милe Јаневски – Џингар“
По повод месец ноември – месец на борба против зависностите, Општинската организација на Црвен крст Делчево на 2 ноември реализираше врсничка едукација во СОУ „Миле Јаневски – Џингар“ од Македонска Каменица.

Едукацијата се одржа под мотото „Информирај се и донеси одлука!“ – за живот без зависности, а беше наменета за учениците од средното училиште.
Преку едукативни содржини, интерактивен пристап и отворена дискусија, учениците имаа можност да се запознаат со штетните последици од употребата на психоактивни супстанции, алкохол и тутунски производи, како и со ризиците кои ги носат различните форми на зависност.

Од Црвен крст Делчево посочуваат дека овогодинешното мото испраќа јасна порака дека знаењето и информираноста се првиот чекор кон превенција, а правилниот избор е инвестиција во сопственото здравје и иднина.

