Отворен повик за учество на ликовен конкурс за деца 2026
Рудник САСА, петта година по ред, преку својата Фондација Рудник САСА, го објавува јавниот повик за учество во ликовниот конкурс за детски цртежи на тема: „60 години заедно – обоени со детската имагинација“
Исто како и претходната година, наместо да ги испраќаат во САСА, децата цртежите ќе ги изработуваат на креативни работилници, под менторство на локален ликовен уметник – педагог. На тој начин децата ќе имаат можност полесно да го пронајдат и изразат својот талент и креативност, пренесувајќи ја својата емоционална поврзаност со средината во која растат и нивните сопствени соништа за иднината.

Кој може да учествува?
Сите деца на возраст од 5 до 15 години кои живеат на територијата на општина Македонска Каменица, вклучително и децата на вработените во Рудник САСА на оваа возраст.
Теми и насоки за изработка на цртежите
· Темата „60 години заедно – обоени со детската имагинација“ ги повикува децата преку цртежи да ја изразат својата креативност и доживување на шестдецениската приказна на рудникот и неговата поврзаност со локалната заедница. Преку своите уметнички дела, децата можат да ја прикажат историјата и сегашноста на рудникот, луѓето кои го градат неговиот успех и визијата за заедничка иднина исполнета со нови можности, развој и детски соништа.
· Големина на цртежот: A4 формат (техника по избор)
· Локација: Цртежите ќе се изработуваат во Тренинг центарот до Канцеларијата за односи со заедницата на Рудник САСА во Македонска Каменица, во рамки на организираните работилници со ликовен уметник. Со учество на една од работилниците, детето и неговиот родител/старател автоматски даваат дозвола дека изработениот цртеж може се користи од страна на Фондацијата и Рудник САСА, за промотивни цели и потреби на заедницата.

Временска рамка
· Пријавување за учество: до 2 ноември 2026 (Пријавувањето се врши преку е-пошта на адресата: a.pavlova@sasa.com.mk или преку порака на телефон: 071/334-922. За пријавувањето да биде комплетно потребни се следните информации: име и презиме на дете, возраст, име презиме на родител/старател и телефонски број)
· Ликовни работилници: 7 и 14 ноември 2026 (Максимум 20 учесници на една работилница. Ќе се организираат повеќе сесии во зависност од бројот на пријавени)
· Избор на најдобрите цртежи: до 20 ноември 2026
· Завршен настан и доделување награди: крај на ноември 2026.
Награди
Посебна комисија составена од независни надворешни членови ќе ги избере најдобрите цртежи за кои членовите на комисијата веруваат дека најдобро ја отсликуваат поврзаноста на рудникот со градот и заедницата.
Секој победник ќе биде награден со по 3,000 денари, а сите учесници ќе добијат симболични подароци.
Најуспешните цртежи ќе бидат искористени за Календарот на Рудник САСА за 2027 година и други пригодни изданија.

