Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 август.
Сите овие пострадаа околу 180 година за чистотата на израелската вера во едниот Бог, на која беше удрил царот Антиох Епифан. Тој беше наредил по закана со смрт на сите граѓани на Ерусалим да јадат свинско месо, како очигледен знак дека се откажале од верата на своите татковци. Свети Елеазар се противстави на оваа насилничка заповед на царот, па поради тоа беше погубен. Исто така и седумте браќа, наречени Макавеи, заедно со мајка им, беа поведени во Антиохија. А таму Антиох ги мачеше и убиваше еден по еден пред очите на мајка им Соломонија. Кога последниот беше фрлен во оган и самата Соломонија го направи истото.
Свети седум маченици Макавејски (Богородичен пост)
Макавејските денови во народната традиција
Во животот на нашиот народ макавејските денови имаат важно место. Според нив се прогнозирало времето и се планирале поважните работи.
На први август според стариот календар (или на 14 според новиот) што се совпаѓа со започнувањето на Богородичните пости се празнува празникот на седумте браќа, маченици од Макавејскиот род за кои пишува во Стариот завет на Светото писмо (Библијата). Во Библијата не се забележани нивните имиња но нив ги запаметило црковното предание и тие се: Авим, Антонин, Гуриј, Елеазар, Евсевон, Алим и Маркел. Тие со мајка им Соломонија и татко им свештеникот Елеазар како и со други приврзаници на Мојсиевите закони страдале со маченичка смрт по наредба на сирискиот цар Антиох, од едни наречен просветител, а од други безумен. Затоа што храбро ја бранеле својата вера, царот пред очите на мајка им еден по еден ги мачел, им ја дерел кожата, а потоа ги фрлал во оган. Кога тоа го направил и со последниот, тригодишниот син, мајката скокнала во оганот предаваќи му ја така душата на својот единствен Бог. Тоа се случило околу 180 години пред Христа. Светата христијанска црква го определила денот 1 август (односно 14 август според новиот календар) за заеднички празник на седумте браќа Макавеи, на нивната мајка Саломонија и на свештеникот Елеазар, за сеќавање на нивните имиња и на нивната маченичка смрт.
Во народот празникот Макавеи се држи како тежок празник. Во некои места се смета дека овие празнични денови се шест, во други дванаесет. Во цела Македонија според тоа какво ќе биде времето во текот на овие денови се прогнозира времето за следните шест месеци (зимскиот период) или за целата година.
Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш овие денови 12 на број се викале Моринки. „Првите дванаесет дни од Августа се викает Моринки. Тие дни жените не работает, ни перат, ни деца кʼпат. На тие дни гатает за доброто или лошото време за цела година; ако на пр. првиот ден од Августа чинит горештина, коложек (јанвар) ќе бидит студен, и напротив; ако на вториот правит добро време, на сечка (феврал) ке чинит лошо; и така за другите.“ Во Радовиш 1 август го сметале за тежок празник и тогаш постарите држеле строг пост и не работеле никаква работа. Постоело верување дека од тој ден времето се завртувало на зима и дека тој ден штрковите и ластовичките започнувале да се готват за селење во потоплите краишта.
Вакви верувања поврзани во Макавеите запишал и М. Цепенков. Тој сведочи дека во првите три дена од август не чинело ниту да се пери, ниту да се бања, што значи воопшто да не се фаќа вода освен за пиење. Ако се перело во тие денови алиштата ќе се искинеле. М. Цепенков притоа забележал дека бил сведок алишта перени во овие денови веднаш се искинале. „Мајка е на снаа ми Марија пред 15-16 години белила коприна во трите дена од август и, за чудо големо, коприната му се искинала парче по парче. Па ти не веруј, тате ‒ ми рече снаа ми -‒ коа сум видела јас со свои очи дома“.

