ПИШУВАЊА ОД КАМЕНИЧКАТА ПАРОХИЈА:
ЧАСОСЛОВОТ – БОГОСЛУЖБЕНА КНИГА ШТО ГО ОСВЕТУВА ЦЕЛИОТ ДЕН
Во православната духовност времето не е само низа часови што поминуваат. Секој дел од денот е можност за молитва и за заедница со Бога. Токму затоа Црквата уште од апостолските времиња го устроила дневниот богослужбен круг, а неговата основна книга е Часословот.
Во Часословот се наоѓаат богослужбите што се извршуваат секој ден, без оглед на празникот. Во него се содржани Полуноќницата, Утрената, Првиот, Третиот, Шестиот и Деветтиот час, Изобразителната, Малото и Големото Повечерие, како и утринските и вечерните молитви и други постојани молитвословија.
Овие богослужби го осветуваат текот на денот. Првиот час нè потсетува на почетокот на денот и на Божјото присуство. Третиот час го спомнува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Шестиот час нè потсетува на распнувањето на Господ Исус Христос, а Деветтиот час – на Неговата спасоносна смрт на Крстот.
Пред Светата Божествена Литургија, според Типикот, се читаат Третиот и Шестиот час или се служи утрена богослужба. Со нив верниците духовно се подготвуваат за најголемата Света Тајна – Евхаристијата. Во манастирите и во некои храмови, каде што богослужбениот поредок се извршува целосно, Часословот е книга што речиси постојано се користи.
Важно е да се знае дека Часословот не ги содржи променливите песнопенија за празниците и светителите. Тие се земаат од други богослужбени книги, како Октоихот, Минејот, Триодот или Пентикостарот. Часословот ја дава постојаната основа, а останатите книги ја надополнуваат според денот и празникот.
Иако многумина денес ретко присуствуваат на часовите или утрените, тие се драгоцен дел од православното Предание. Преку нив Црквата нè учи дека секој час од животот треба да биде принесен на Бога и осветен со молитва.
Од Светото Писмо: „Седумпати на ден Те фалам за Твоите праведни судови.“ (Псалм 118/119,164)
Да се запрашаме: Дали го започнувам и го завршувам денот со молитва, трудејќи се секое време од мојот живот да Му го посветам на Бога?

