Владо Деловски: „Ги допрев делчињата од паднатиот авион во кој загина татко ми во 1973-та, сум имал 2 месеци во време на несреќата“
„Авионот удрил во планината Маганик, 2,5 минути пред да слета во Подгорица. Пред 5-6 години се појави документарец за несреќата, со видео од остатоците на авионот како лежат на самата планина (2.119 м.н.в). Тогаш почнав да истражувам како да стигнам дотаму и тоа беше поттик да почнам да планинарам“, вели диџеј Дела за CRNOBELO.com, откако стигна до остатоците од авионот во кој загинал татко му и зеде мало парче со себе.
Владо Деловски (53) е дипломиран архитект, но и професионален диџеј, познат како диџеј Дела, кој работи како главен и одговорен уредник во Сити радио.

Луѓето кои го познаваат Дела, знаат и дека е страстен планинар. Но љубовта кон планините која ја чувствува денес, почнала како мисија – да се подготви за искачувањето на планината Маганик во Црна Гора, поточно во врвот-карпата Бабин Зуб (2.119m), каде што во 1973 година удрил авион во кој загинал неговиот татко, со уште 40 луѓе и каде што и денес се наоѓаат остатоците од авионот.
Дела, кој во тоа време бил бебе и имал само 2 месеца, неодамна конечно си ја исполни желбата, и по стрмната карпеста планина стигна до местото кое што и денес е сведок на несреќата, па ги допре остатоците од авионот, а неколку парчиња зеде со себе, да му останат како сеќавање на неговиот татко Марко.
Дела го посети и гробот во Подгорица, каде што е закопан татко му со уште неколкумина од останатите загинати, вторпат во неговиот живот, откако мајка му го одвела таму кога имал само 5-6 години.

За емотивното патување, „средбата“ со планината, чувството кога конечно стигнал до местото, тој ни раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Неодамна конечно се искачи на планината Маганик, до местото каде што загинал татко ти во авионска несреќа во 1973-та година… Какво беше чувството кога ги виде остатоците од авионот?
Да, токму така, го посетив местото, карпата, планината, каде мојот татко загина во авионска несреќа.
Кога ги видов деловите од авионот, првата мисла ми беше дека ќе најдам нешто, барем дел од неговата облека или едно негово копче од облеката, кое ќе ме потсетува на него, а ќе можам да го земам со себе во Македонија.
Чувствата… сè е тоа болно кога ќе се види местото каде паднал тој авион со име Каравела, кој летал на линија 738, т.е. редовна линија од Скопје преку Подгорица (тогашен Титоград) до Сараево.

Кога се случи несреќата, колку луѓе ги загубија животите, имало ли преживеани?
Несреќата се случила на 11 септември 1973 година. Aвионот во 10:21 го прелетал Мојковац (место во Црна Гора), a во 10:27 му се губи радио-врската.
Авионот Каравела со ознаки YU-AHD удрил во планината Маганик, поточно во врвот, карпата Бабин Зуб, со висина од 2.119 метри.
Во авионот имало 35 патници и 6 членови на екипажот.
Од нив, 13 требало да се симнат во Подгорица, а останатите, меѓу кои и мојот татко, требало да продолжат за Сараево.
Инаку татко ми Марко бил градежен инженер, специјализирал мостоградба.
Имало некој мост кој се правел во Сараево и имало некој проблем, па го нашле мојот татко од Македонија, да го реши проблемот. И за кратко време го решил, така што продолжила градбата на мостот.
За жал сите патници и членови на екипажот загинале на лице место. Слава им.
Целиот текст на crnobelo.mk

