Градоначалникот Иван Гоцевски ја пречека делегацијата од италијанската општина Неиве – договорена соработка во повеќе области
Делчево денеска беше домаќин на делегација од италијанската општина Неиве, предводена од градоначалникот Паоло Пичинели и неговата заменичка Луиза Бофа. Делегацијата беше пречекана од градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.

Средбата во кабинетот на градоначалникот поминала во пријателска атмосфера, со фокус на поврзување на двете општини.
„Средбата помина во духот на искрена блискост, пријателство и меѓусебно разбирање, со заедничка желба за поврзување на нашите општини и граѓани“, истакна градоначалникот Гоцевски.
Тој посочи дека гостите и пред посетата на Делчево негувале голема почит кон Македонија и со воодушевување зборувале за посветеноста и трудољубивоста на нашите сонародници во Италија. За остварување на средбата, Гоцевски упати благодарност до Силвана Трајановска, сонародничка и избрана советничка во Општина Неиве задолжена за образование.

Посебна тема на разговор било културното наследство под заштита на УНЕСКО.
„Посебна поврзаност препознавме и преку културното наследство под заштита на УНЕСКО. Неиве е дел од подрачје со статус на светско наследство, а нашето оро „Копачка“ е впишано на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото“, нагласи Гоцевски.
Како што информираат од Општината, разговарано е за конкретни можности за соработка во туризмот, образованието, спортот, културата и гастрономијата.
„Разговаравме за можностите за соработка во туризмот, образованието, спортот, културата и гастрономијата. Како прв конкретен чекор, се договоривме наскоро да организираме одбојкарски натпревар меѓу млади спортисти од Делчево и Неиве“, рече Гоцевски.
На средбата биле разменети и искуства од работата на локалните самоуправи, при што се препознаени многу сличности во секојдневните предизвици. Како дополнителен мост меѓу заедниците е посочено и седиштето на МПЦ-ОА во Италија, кое се наоѓа токму во Неиве.
„Од денеска, Делчево има уште една отворена пријателска врата во Италија. Убеден сум дека со мојот драг пријател Паоло и со нашите соработници ќе го преточиме ова пријателство во конкретни иницијативи, на радост и во интерес на граѓаните од двете општини“, порача градоначалникот Иван Гоцевски.

