Амбасадорката на САД Никол Варнс на средба со градоначалникот Грозданов за состојбите по трагедијата во Кочани и за инвестициските потенцијали
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Никол Варнс, оствари посета на Општина Кочани.

Во рамки на посетата, амбасадорката се сретна со градоначалникот Владко Грозданов. На средбата се разговараше за актуелните економски и општествено-политички состојби во Кочани, за предизвиците со кои се соочува градот по трагедијата од 16-ти март 2025 година, како и за состојбата на децата повредени во пожарот.
Разговарано било и за поддршката од централната власт во инфраструктурни проекти, како и за состојбите во образованието, земјоделството, здравството и други актуелни теми.
Градоначалникот Грозданов ги претставил природните и развојните потенцијали на Кочани и ја истакнал важноста на странските инвестиции за локалната економија, посочувајќи ја американската компанија АТМ – Амфенол Технолоџи Македонија, во која е вработен најголем број работници од Кочани и поширокиот регион.

Во знак на благодарност за поддршката од САД, градоначалникот на амбасадорката ѝ подарил уметничка секвенца од Споменикот на слободата, чие реставрирање во 2024 година било реализирано со финансиска поддршка од Амбасадата на САД.

