Берово ќе добие модерен зелен градски пазар. Објектот се гради на површина од 1.800 метри квадратни и ќе се состои од три модули – два продажни и еден влезен дел. Според планот, едниот дел ќе биде наменет за раноградинарски и земјоделски производи, а другиот за овошје и друг вид прехранбени продукти :
„Проектот е почнат со градба, архитектурата е во амбиентален стил со дрво и камен. Сметаме дека општина Берово ќе добие еден прекрасен објект, кој ќе придонесе за подобри услови и за развој на туризмот“, објасни Мишо Догазански, одделение за урбанизам – општина Берово.
Средствата за изгрдба на овој современ објект, општината ги доби преку Владата на Република Македонија. Се работи за грант од Светска Банка кој се спроведува преку Министерството за финансии и е наменет за подобрување на условите во руралните средини.
За оваа намена се обезбедени вкупно 15,5 милиони евра, а дел од парите доби и општина Берово :
„Од кои општина Берово во делот на зелениот пазар ќе добие средства во висина од 135.000 евра, со кофинансирање од општинскиот буџет во висина од 65.000 евра“, кажа Догазански.
Според предвидените рокови, изградбата на овој зелен градски пазар треба да заврши во месец ноември.

