
Делчево во празнична атмосфера денеска одбележува 74 години од ослободувањето и 27 години од независноста на Република Македонија. Во рамките на одбележувањето организиравме прием во мојот кабинет за поранешни градоначалници, поранешни и сегашни советници, истакнати личности, претставници на институции и здруженија на граѓани.

Во чест и во спомен на паднатите борци за слобода, пред Споменикот на паднатите борци во центарот на градот, членовите на КУД „Гоце Делчев“ потсетија на историските моменти и значењето на НОВ и борбите кои претходеа на ослободувањето на Делчево.
Во моето обраќање пред присутните гости и советници истакнав дека секоја генерација си има своја борба.
– А, ние, денес, сме исправени пред нов предизвик-тоа е за нас света војна со влог во иднината – а тоа е влог за една стабилна и просперитетна држава, држава каде владеењето на правото, почитувањето на човековите права и слободи, ќе бидат основни постулати во општеството, во кое економскиот и технолошкиот развој и повисокиот животен стандард на граѓаните, ќе бидат реалност, а добрата идеја ќе биде поттик за натпревар. Ние сакаме иднина во која ќе ја донесеме Европа овде, дома, а не, ние и нашите деца да трагаат по овие стандарди во Европа. Во едно такво општество, ќе го градиме Делчево по европски терк. Тоа е мојата визија и борбата на мојата генерација истомисленици. Европско Делчево со сите нишани, од инфраструктура, до квалитет на животот.
На Свечената седница организирана по повод празникот, претседателот Драган Маневски потсети дека 7 Септември е ден кога ние, потомците продолжуваме со нова борба, борба и стремеж кон сигурна иднина за децата, за повеќе работни места, стремеж за нови инвестиции и нови отворени пазари, за технолошки развој и движење без граници.
-Од конституирањето на Советот до денес се одржаа 13 редовни седници и на седниците се водеше расправа по 246 точки на дневен ред. Донесени се повеќе одлуки за вклопување на бесправно-изградени објекти во урбанистичко-планска документација на физички лица. Усвоени се извештаите за работата на училиштата, како и извештајот за јавната безбедност и патниот сообраќај на патиштата на подрачјето на Општина Делчево. Донесени се и повеќе одлуки за проекти за аплицирање до различни фоднови кои имаат за цел да дадат придонес кон подобрување на условите и кавлитетот на животот на нашите сограѓани. Советот на Општина Делчево во целина, со многу одговорност и рационалност се однесуваше при донесувањето на одлуките и со право можам да констатирам дека нашата работа од почетокот до денес се одликуваше со конструктивност и рационалност, истакна Маневски
Во рамките на одбележувањето, беа доделени општинските награди „7 Септември“ на 6-мина истакна граѓани на Делчево, како и наградите за најубаво уреден двор.
Во рамките на одбележувањето беше реализирана и пригодна културно-уметничка програма на која настапија децата од детската градинка „Весели цветови“, а со рецитал на тема„Мојот град“ се претставија учениците од двете основни училишта во градот. Свеченоста продолжи со концерт на делчевските уметници Дејан Ѓеоргиевски-Ѕене-пијано и Горан Ќурчски- тромбон.
Вечерва во салата од спомен-домот АСНОМ ќе се реализира концерт на италијански канцони од познатиот млад тенор во Македонија, Влатко Груевски, со пијано придружба на Андреј Наунов.
