Македонска Каменица домаќин на отворањето на новата сезона на М10 Минибаскет караванот – настанот со хуманитарен карактер по
повод Светскиот ден на детето
Македонска Каменица во недела, на 15 ноември 2026 година, ќе биде домаќин на првиот настан од новата сезона на М10 Минибаскет караванот, проект на Кошаркарската федерација нa Македонија посветен на најмладите љубители на кошарката. Настанот ќе се одржи во спортската сала на ООУ „Св. Кирил и Методиј“, со почеток во 11:00 часот, и ќе собере млади кошаркари од повеќе градови во Македонија. Преку минибаскет активностите, децата ќе имаат можност да се дружат, да стекнуваат нови пријателства и да ја развиваат љубовта кон спортот и тимската игра.

Со одбележувањето на Светскиот ден на детето на 20 ноември, овој настан добива и посебна хуманитарна димензија. Мрежата на Europe House со задоволство го поддржува , приклучувајќи се кон целта да се испрати порака за солидарност, грижа и поддршка за секое дете. За таа цел, овој почетен настан нуди дополнително збогатена програма. Преку предвидената хуманитарна иницијатива, децата ќе можат доброволно да донесат зачувана играчка, која ќе биде спакувана како подарок со лична порака, а потоа донирана преку Црвениот крст во Каменица, до деца од ранливи категории.
Дополнително, за децата кои чекаат на својот ред за натпревар, предвидени се мини спортски предизвици – забавни слободни фрлања и вежби за координација, за сите присутни да останат активни и насмеани!
Со спојување на спортот, дружењето и хуманоста, настанот има за цел да потсети дека спортот не е само натпреварување, туку и можност за создавање заедништво, развивање солидарност и ширење позитивни вредности кај најмладите.
Организатори и партнери во реализацијата на настанот се Кошаркарската федерација на Македонија, мрежата на Europe House, Општина Македонска Каменица, ЖКК Баскет Кам и локални партнери.
Ги покануваме сите љубители на спортот, родителите и граѓаните на Македонска Каменица да ни се придружат на 15 ноември, да ги поддржат најмладите кошаркари и заедно да бидеме дел од ден исполнет со спорт, дружење и хуманост. Вашето присуство ќе биде дополнителна мотивација за малите кошаркари!