Со одлична динамика се одвиваат градежните работи на Виничка Река. Доколку временските услови дозволат, до крајот на оваа календарска година Виница ќе добие уште еден капитален проект, чија реализација започна пред помалку од два месеца.

Проектот за регулација на дел од речното корито на Виничка Река опфаќа уредување на речното корито во должина од 500 метри, изградба на кејски ѕид од ѕидан камен, како и целосна реконструкција на постојните оштетени делови од ѕидовите.
Предвидено е и поплочување на тротоарите и поставување урбана опрема – клупи и канти за отпадоци, со што овој простор ќе добие нов, поуреден и функционален изглед.

За реализација на проектот се обезбедени 18,2 милиони денари, од кои 17 милиони денари се средства од Министерството за животна средина и просторно планирање, а 1,2 милиони денари се од Буџетот на Општина Виница.

