Историска реформа за Армијата: Професионалните војници и по навршувањето на 45 години старост ќе останат во служба до пензионирање
Владата на денешната седница донесе реформа со која трајно се решава статусот на професионалните војници во Армијата.
Со новото решение се овозможува професионалните војници по навршувањето на 45-годишна возраст да продолжат во редовите на Армијата се до исполнување на условите за пензионирање.
Од Владата посочуваат дека со оваа реформа се става крај на долгогодишната неизвесност за оваа категорија припадници на Армијата и се отвора ново поглавје во грижата за луѓето кои и служат на татковината.

Како што е соопштено, решението е изработено заедно со Генералштабот и синдикатите во одбраната и во Армијата, и претставува одржливо и долгорочно решение кое носи поголема сигурност, стабилност и достоинство за професионалните војници.
Истовремено, се овозможува посилен фокус на развојот и унапредувањето на борбената готовност на Армијата.
„Професионалните војници се еден од столбовите на македонската Армија. Нивната посветеност, дисциплина и пожртвуваност заслужуваат почит, сигурност и институционална поддршка“, е наведено во соопштението, со благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и Владата за поддршката на реформите.

