Планинари од Македонска Каменица и Делчево освоија три врва на Рила и ги посетија Седумте езера
Планинари од Македонска Каменица и Делчево викендов ја освоија Рила Планина, срцето на Балканот.

„Не броевме километри, туку моменти. Рила е чиста магија“, изјави кратко, за првите впечатоци по враќањето Гоце Дончовски, како учесник во викенд искачувањето.
Групата, предводена од искусниот Љупчо Чучуковски од ПСК „Голак“ Делчево, за еден ден искачи три врва, Зелени Рид на 2.598 метри, Езерен Врв со 2.550 и Харамијата кој се издига на 2.465 метри надморска височина.

Покрај врвовите, каменичани ги посетија и Седумте Рилски Езера, најпознатиот леднички феномен на Балканот. Езерата Сълзата, Окото, Бъбрека, Близнака, Трилистника, Рибното и Долното се распоредени скалесто меѓу 2.100 и 2.500 метри и се сметаат за свето место.
Рила е највисоката планина на Балканот со врвот Мусала од 2.925 метри. Во нејзиното подножје, се наоѓа и Рилскиот манастир, кој е под заштита на УНЕСКО.

Од ПСК „Голак“ каде активно членуваат и десетина каменичани, најавуваат дека ваквите меѓународни тури продолжуваат, со цел промоција на планинарството и зближување на љубителите на природата од регионот.
Во искачувањето учествуваа и планинари од Република Бугарија, кои како домаќини беа дел од експедицијата.


