КСОМ се прошири со СПАЈС, ќе бараат од новата влада да се зголеми минималната плата

На Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија – КСОМ денеска и се приклучи Синдикатот на приватен, административен и јавен сектор – СПАЈС во кој членуваат синдикални организации од рударството и синдикати од јавните претпријатија во локалната самоуправа. Договорот за приклучување го потпишаа претседателот на КСОМ Марјан Ристески и претседателот на СПАЈС Јовица Јовановски.
-Со денешното пристапување на голема бројка на синдикалци во нашите редови нашата Конфедерација веќе прераснува во синдикат кој го препознаваат работниците. Од новата Влада веднаш ќе бараме да почне социјалниот дијалог и се надеваме дека во неа ќе има луѓе кои знаат да го ценат работникот. Уште во првите 100 дена ќе испорачаме барање да се донесе законот за работни односи и да се стави ред со времените вработувања и договорите на дело. Ќе бараме договорите на дело максимум да траат една година, а не како досега по 10, па и повеќе години, рече Ристески на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека ќе побараат и минималната плата да биде поголема или иста со околните држави, во спротивно, како што рече и оние малку работници што останаа во државава ќе ја напуштат. Пари во државата, потенцира, има и само треба да се постават вистински луѓе на вистинските места и да се спречи тоталниот грабеж што се случуваше досега. Затоа и препорача на новата влада да не се вади дека нема пари за зголемување на работничките плати и права и да направи ветинг за да види каде отишле тешките милијарди што ги снема од државата. За увозот на работна сила од странство рече дека може да предизвика тотален хаос.
Претседателот на СПАЈС, Јовановски посочи дека покрај од рудникот САСА од Македонска Каменица од неодамна во нивниот синдикат има и членови од ЈСП „Скопје“, како и подружница во Куманово во административниот сектор и во другите општини . Тој ги повика работниците да се охрабрат и да се зачленат во нивниот синдикат, а ги повика и рудниците Злетово и Тораница да го исконтактираат за да формираат синдикални организации кај нив.
Елизабета Тошевска, која е претседател на синдикалната организација на СПАЈС во ЈСП Скопје, истакна дека постојат околу две години.
Целиот текст ОВДЕ

