Претседателот на ВАБА, Србобран Филиповиќ и директорот Урош Крањц денеска и утре престојуваат во Македонија каде ќе имаат средби со македонските претставници во регионалното натпреварување Баскет Кам и Бадел.
Во центарот на вниманието ќе биде посетата на Македонска Каменица која годинава го даде новиот македонски шампион во женска конкуренција, а кој го пријави своето деби учество во ВАБА лигата за идната сезона. Филиповиќ и Крањц ќе направат обиколка на салата во која Баскет Кам ги игра своите натпревари, како и на хотелските капацитети, а утре во 10 часот ќе одржат состанок со раководството на клубот.
Што се однесува со Бадел, скопскиот клуб веќе учествуваше во ова натпреварување и тоа три сезони, од 2014 до 2017 година и претставниците на лигата добро знаат со што располага. Своите натпревари во ВАБА, вицешампионот ќе ги игра во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода.
