Македонска Каменица, 03.09.2020 година – Во Македонска Каменица вечерва од 20:30 часот ќе започне вонредна акција за дезинфекција на сите јавни површини во градот
Акцијата ќе ја спроведат екипи на Јавното претпријатие ,,Камена Река” и Територијалната противпожарна единица од Македонска Каменица, со цел за создавање на дополнителна заштита поради појавата на зголемен број позитивни случаи со вирусот Ковид-19.
Од ЈП Камена Река, апелираат до граѓаните да ги отстранат своите паркирани возила од улиците, за полесен пристап и непречено вршење дезинфекција на екипите на терен. Во акцијата ќе биде вклучена и крупна механизација со системи за распрескување на дезинфекциони средства, – додаваат од Јавното претпријатие во Македонска Каменица
-Со акцијата за дезинфекција ќе бидат опфатени спортските игралишта, терени, забавни паркови, како и јавните површини, влезовите во станбените живеалишта, како и улиците во градската и приградската средина, – информираа надлежните.
Од општина Македонска Каменица додадоа дека преку работата и редовните состаноци на Општинскиот штаб за заштита и спасување од Ковид 19, будно ја следат состојбата и навремено ги спроведуваат сите мерки и препораки од Владата и Комисијата за заразни болести за спречување и ширење на коронавирусот.
По издадените Решенија и Наредби за работа од далечина, и првиот регистриран позитивен случај од вработен во општинската администрација, истата ќе работи во редуциран состав, а влезот за странки нема да биде дозволен. Вработените ќе ги вршат тековните работни обвски од далечина до 13 септември, а по потреба и физички ќе бидат присутни на работните места.
Поради зголемениот број на регистрирани случаи во Македонска Каменица, како општина исто така апелираме до граѓаните и стопанствениците во трговските, услужните и угостителските објекти за почитување и строго придржување и спроведување на пропишаните протоколи и мерки за заштита од коронавирусот.
Само така можеме да го зачуваме личното, здравјето на најблиските и јавното здравје во нашата заедница, додадоа од Општината.
Ваквите активности според надлежните ќе бидат почеста пракса во наредниот период.