Македонска Каменица, 29.01.2019 година – Рударот кој беше повреден изутрината во една од јамите на рудникот за олово и цинк „Саса“ во Македонска Каменица се здобил со лесна телесна повреда и нема никакви скрешници или крвавења, соопштија од Рудникот „Саса“.
Оттаму велат дека, постапувајќи согласно процедурите за безбедност и здравје при работа, работникот веднаш по повредата бил прегледан од дежурното медицинско лице во амбулантата на рудникот, по што со амбулантно возило на „Саса“ бил пренесен во Клиничката болница во Штип на понатамошни испитувања.

Спроведените лекарски прегледи потврдиле дека се работи за лесна телесна повреда, без никакви скршеници или крварења. Лекарите констатирале дека ваквата повреда не се очекува да остави последици врз здравјето и работоспособноста на пациентот и дека тој за неколку дена се очекува да се врати на своето работно место, соопштуваат од „Саса“.
За настанот, стои во соопштението, се известени сите надлежни органи, како и раководството на рудникот „Саса“, кое согласно процедурите за безбедност и здравје при работа во компанијата, ги преземаат сите неопходни дејствија за утврдување на сите околности кои довеле до овој настан.
Од СВР Штип претходно информираа дека во несреќата што се случила во 6:30 часот изутрината во рударска јама, рударот бил притиснат на градниот кош од рударска машина.
Веднаш на самото место е пристигната Итната медицинска помош од Македонска Каменица, по што рударот е хоспитализиран прво во Кочанската болница, а потоа во Штипската клиничка болница.
За настанот известен е јавен обвинител од Делчево и државен трудов инспектор кои треба да извршат увид на местото на настанот во рудникот „Саса“ во Македонска Каменица.
Во продолжение можете да го прочитате официјалното соопштение од Рудник САСА испратено до јавноста во врска со денешниот инцидент:
„Раководејќи се според стандардите и процедурите за безбедност и здравје при работа, Рудник САСА ја информира јавноста дека денеска (29 јануари 2019) околу 6 часот и 30 минути, при редовно извршување на работни задачи во една од рудничките јами, еден работник е лесно повреден.
Постапувајќи согласно процедурите за безбедност и здравје при работа во рудникот САСА, работникот веднаш бил прегледан од страна на дежурното медицинско лице во амбулантата на рудникот САСА, по што тој со амбулатно возило на рудник САСА е пренесен во Клиничката болница во Штип на понатамошни испитувања.
Спроведените лекарски прегледи потврдија дека се работи за лесна телесна повреда, без никакви скршеници или крварења.
Лекарите констатираа дека ваквата повреда не се очекува да остави последици врз здравјето и работоспособноста на пациентот и дека тој за неколку дена се очекува да се врати на своето работно место.
За настанот се известени сите надлежни органи, како и раководството на рудник САСА, кое согласно процедурите за безбедност и здравје при работа во компанијата, ги преземаат сите неопходни дејствија за утврдување на сите околности кои довеле до овој настан.
Грижата за безбедноста при работа и здравјето на вработените има највисок приоритет во рудникот САСА. За да се постигне висок степен на безбедност и заштита при работа рудникот ги имплементира најстрогите меѓународни практики и стандарди, вклучувајќи го и системот за управување со безбедноста и здравјето при работа OHSAS 18001. Во тие рамки, помеѓу останатото, секој вработен е обезбеден со комплетна лична заштитна опрема, се организираат редовни обуки за сите вработени на теми од областа на безбедноста и здравјето при работа, воведени се задолжителни редовни медицински прегледи на сите вработени, целосно е опремена амбуланта со постојано дежурство на медицинско лице, како и санитетско возило со комплетна опрема“.
