Македонска Каменица, 25.12.2018 година – Претставници на Здружението на пензионери и градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова денес традиционално ги посетија домовите на изнемоштените и болни пензионери. При посетата на домовите на 75 лица пензионери кои се ограничени со можноста за движење и присуство на останатите настани и манифестации организирани од Здружението на пензионери им беа поделени солидарни пакети со прехрамбени производи и средства за лична хигиена.

„Здружението на пензионери е една од најактивните организации во нашата општина и доста активно Здружение на пензионери во целата држава. Тоа го покажуваат и денес со оваа акција со која покажуваат внимание кон нивните членови, кои заради здравствени и социоекономски причини се оневозможени да партиципираат во настаните и манифестациите што ги огранизира Здружението на пензионери во Македонска Каменица“ – изјави градоначалничката Стаменкова, која ја искористи приликата да им посака многу здравје, пријатно расположение и убави моменти со најблиските за време на претстојните новогодишни празници на сите пензионери од општина Македонска Каменица.
Претседателот на Здружението на пензионери од Македонска Каменица, Видое Коневски кажа дека „во соработка со локалната самоуправа традиционално на своите изнемоштени членови им подарува солидарни новогодишни пакети, од причина што тие не можат да учествуваат во останатите наши манифестации и настани. Со ова на дело уште еднаш се покажува блиската соработка со локалната самоуправа и нашата грижа за сите наши членови и сограѓани“.

