Во Македонска Каменица се одржа првото државно првенство во забрзан шах за деца и млади
Македонска Каменица – Првото државно првенство на Македонија во забрзан шах за деца и млади се одржа на 22 ноември во мотелот „Мерак“ во Македонска Каменица, а на него учествуваа 120 деца од повеќе шаховски клубови од државата.

Од ШК Каменица Саса, домаќин на настанот, велат дека имало многу борба, убави шаховски партии и емоции. Од клубот се натпреваруваа 24 млади шахисти, кои постигнаа добри резултати и ги освоија првите рејтинг поени.
Првенството го организираше Шаховската федерација на Македонија, а на настанот лично присуствуваше градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова. Турнирот го судеа Зоран Стојчевски, Орце Органџиев и Воислав Мерџановски.

Од клубот упатија благодарност до градоначалничката Стаменкова, Рудникот „Саса“, Шаховската федерација, мотелот „Мерак“, судиите и членовите на клубот за организацијата.
Како што најавија, наредната година планираат турнирот да биде меѓународен.

