Михаела Павловска и македонскиот олимписки тим се враќаат со грст медали од Светската олимпијада по геонауки во Пекинг
Нов успех постигна македонскиот олимписки тим на 17-та Светска олимпијада по геонауки IESO2024 што се одржа во Кина.

-Освоени се две бронзени медали во категоријата на индивидуален тест на знаења и тоа помеѓу 140 ученици од 35 држави од сите континенти. Големи честитки за медалистите Ивана Атанасовска од Прилеп и Милена Ангелова од Делчево. Исто така задоволство за освоените сребрен медал (Михаела Павловска од Македонска Каменица) и бронзен медал (Атанас Ташковски од Крушево) во категоријата за интернационална тимска презентација, информира денеска професорот Ивица Милевски, главен ментор на тимот.

Во објавата на неговиот профил на Фејсбук Милевски упати честитки за учениците, нивните родители, наставници, како и до Македонското географско друштво (МГД) и неговиот претседател кој придонесе во организација на целиот национален процес од државните натпревари, преку соодветната логистика, помош околу спонзорства и др.

-Јас, како главен ментор, заедно заедно со колегата ментор Свемир Горин, се потрудивме за тие кратки 2 месеци да ги подготвиме децата најдобро што може, да ги организираме до овде (Кина) и соодветно да ја претставиме нашата Македонија пред 300 ученици, ментори, наставници, професори, истражувачи и др. Одиме понатаму…, наведе Милевски.
Извор: skopskoeho.mk

Од Македонското географско друштво упатуваат благодарност за менторите за максималната посветеност и ангажираност во процесот на подготовка но и придружување на учениците:
Проф д-р Ивица Милевски, Институт за географија, Природно-математички факултет, Скопје, Проф д-р Свемир Горин, Институт за географија, Природно-математички факултет, Скопје. Од таму, упатуваат голема благодарност и до спонзорот Бучим од Радовиш, кои финансиски го помогнаа учеството на олимпискиот тим во Пекинг.
На крај упатија честитки за учениците, менторите, родителите, наставниците и сите останати кои биле директно и/или индиректно вклучени во подготовката на националниот олимписки тим.









