Од денеска маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на повеќе од 4 лица надвор после 22 часот. Мерката која што министерството за здравство ја предложи да не се примаат повеќе од 4 гости во домот не е прифатена.
Од министерството за здравство велат дека носењето на маска на отворено нема да важи само за деца до шест години, лица со посебни потреби или кога некој спортува на отворено или затворено со почитување на мерките за заштита. Маска исто така не мора да се носи и во автомобил ако возачот е сам или пак со лица со кои заедно живее, при престојување во двор на семјна куќа или пак во угостителски објект.
„Оваа мерка ќе важи за движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично. Граѓаните ќе треба да носат респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично.“ – велат од – Министерство за здравство.
За дел од граѓаните мерките се прифатливи со оглед на тоа што состојбата со виурсот се влошува, за друг дел пак мерките не се логични.
Од министерството за здравство пак велат дека носењето на заштита маска, одржувањето на физичка дистанца и миењето на раце се единствените мерки кои можат да го спречат ширењето на вирусот. За неносење на маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра, а за тие што ќе се групираат на отворено ќе следува казна во висина од 500 евра.
Отсега инспекторите ќе имаат повеќе надлежности за контрола и казнување, а пазарните инспектори ќе можат и на лице место да затвораат кафеани или ресторани кои нема да ги спроведуваат протоколите за заштита од коронавирусот.
„Доколку на терен инспекторите забележат дека некое правно лице ги прекршува здравствените протоколи тогаш во истиот момент ќе му биде изречена времена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена односно објектот може да биде затворен на лице место. Оваа можност законски инспекторатите ја немаа како инструмент и алатка и мислам дека е неопходна во овој период.“ – изјави – Љупчо Николовски – вицепремиер.
Со новите законски измени се регулира и самоизолацијата. Лицата кои чекаат резултат за коронавирусот од закажувањето на тестот до добивањето на резултатите мора да останат во самоизолација. Казната за прекршување на оваа мерка е 50 евра.
Новите законски измени предвидуваат дека ако капацитетите во државните болници се исполнат тогаш пациентите да се лекуваат во приватните болници но за тоа ќе треба да добијат согласност од Министерството за здравство.
