ОПШТИНИТЕ УШТЕ ИЗЛЕГЛЕ НА КРАЈ СО ПРЕТХОДНАТА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ДИВОГРАДБИТЕ, ВЛАСТА ИМ ПОДГОТВУВА НОВА
Ни пат ни канализација. Вака живеаат 50-тина домаќинства на улицата „Видое Смилевски Бато“ во Делчево. Од општина Делчево велат дека подготвуваат техничка документација за оваа улица и за овие куќи што се дел од стотината легализирани дивоградби. За нив Делчево како и останатите општини, каде завршил процесот на легализација има обврска да изгради основна инфраструктура. Од невладината организација „ИНИ“ пребројале дека на истокот на државата се поднесени 40.000 илјади барања за легализација. Досега не се решени ни половина. Според нивното истражување со ова темпо на руралните општини ќе им треба и по 20 години само административно да го завршат овој процес.
Градоначалниците признаваат дека им недостасуваат и кадар и пари да ги спроведат одредбите од Законот за легализација на дивоградби, со кои се предвидува тапија да добијат сите објекти изградени до Март 2011, што може да се вклопат во урбанистичките планови. Велат дека без подршка од централниот буџет нема да можат брзо да го завршат овој процес.
И додека општините мака мачат да ги реализираат одредбите од стариот, државата веќе им подготвува нов Закон со кој е предвидено да се легализира се изградено до крајот на минатата година. Како што објави претходно ТВ 24 во новиот нацрт Закон се предвидува можност за легализација на објектите и доградбите приклучени на вода и струја.

