
Ниските температури и студениот ветер предизвикаа хаос и неред низ цела Европа. Најтешко е во Германија, Швајцарија, Австрија и Грција, а влошување на ситуацијата се очекува да има во Турција и низ балканските земји.
Поради обилните врнежи на снег во Германија одложени се најмалку 120 летови додека околу 70 стигнаа со задоцнување од повеќе од 1 час и тоа само на аеродромот во Минхен. Прекин има и во железничкиот сообраќај поради паднати дрва на шините.
Како резултат на лошите временски услови вчера во Грција една жена беше пронајдена мртва, додека двајца други мажи беа исчезнати откако голема снежна бура погоди голем дел од земјата. Телото на 66-годишната жена беше пронајдено во превртено возило во близина на поток во регионот на Атина.
Во меѓувреме и некои делови од Хрватска се покриени со снег, каде има забрана за движење на товарни возила. Во Црна Гора е вклучен црвен аларм поради обилни снежни врнежи, додека Босна и Херцеговина и Србија, исто така, се зафатени со лоши временски услов, врнежи и силни ветришта. Во Албанија исто така има ниски температури. Над 100 семејства во регионот на Дебар останаа заглавени и немаат вода, а има сомнежи дека едно лице починало поради студ.
Лоши временски услови владејат и во делови на Италија. Многу граѓани се жалат дека комуналните тимови ги чистат само главните сообраќајници, додека локалните и регионалните патишта остануваат завејани.
Вјолца Алити

