Ќе се проверуваат бугарските пасоши на околу 10.000 Македонци. Проверката ги опфаќа сите пасоши издадени во последните 5 години.
Наредбата за контрола на пасошите доаѓа директно од бугарскиот премиер Бојко Борисов, по скандалот со примање мито за издавање на пасоши на странци кои веќе извесен период ја тресе Бугарија.

Контролата ќе ја вршат припадници на Министерството за внатрешни работи и Државната агенција за национална безбедност, а освен на Македонците , ќе бидат проверувани и пасошите на граѓани на Молдавија, Украина и Косово. Борисов инсистирал на итна ревизија, по што побарал резултатите да му бидат доставени лично.
Што ова ќе значи за имателите на пасошите и дали постои опасност, доколку се утврдат неправилности истите на некои да им бидат одземени , се уште е неизвесно.
Инаку, кон крајот на минатиот месец Јавното обвинителство на Бугарија објави дека открило измами при издавањето на бугарски пасоши на странски државјани, во која била вмешана Државната агенција за Бугарите кои живеат во странство.

Во рамки на оваа истрага, на 31 октомври беа уапсени директорот на Државната агенција за Бугарите кои живеат во странство и 19 службеници во оваа институција.
