СРЕДБА НА ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ИСЕЛЕНИШТВО, ГОРАН АНГЕЛОВ, СО ПРОТОПРЕЗВИТЕР-СТАВРОФОР МИХАЈЛО МАТЕВСКИ ОД ИТАЛИЈА
Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, оствари средба со Протопрезвитер-ставрофор Михајло Матевски, при Македонската православна црковна општина „Св. Архангел Михаил“ во Неиве, Италија.
На средбата се разговараше за културниот и духовниот живот на Македонците во регионот Пиемонт, нивната организираност, како и за одбележувањето на верските празници и значајните јубилеи, кои имаат важна улога во зачувувањето на македонскиот национален идентитет, традиција и духовно наследство.

Беше истакната значајната улога на Македонската православна црква и црковните општини во обединувањето на македонските иселеници, негувањето на македонските духовни и културни вредности и зајакнувањето на врските со татковината.
Во знак на почит и благодарност за континуираната соработка, директорот Ангелов му подари на отец Михајло книга со промотивна содржина, која ги претставува убавините на Македонија од воздушна перспектива, како и еден примерок од новоиздадените буквари за изучување на македонскиот јазик.
Подарувањето на букварот носи посебна симболика и претставува израз на надеж за идно започнување на настава по македонски јазик во овој дел на Италија, со што на помладите генерации би им се овозможило да го изучуваат, негуваат и зачувуваат мајчиниот јазик и македонскиот идентитет.
Во рамките на средбата, отец Михајло упати срдечна покана до директорот Горан Ангелов за заедничко одбележување на претстојниот патронен празник на МПЦО „Св. Архангел Михаил“ во Неиве, Италија.
Агенцијата за иселеништво останува посветена на унапредувањето на соработката со македонските црковни општини и организации во странство, поддршката на иницијативите за изучување на македонскиот јазик и зачувувањето на македонската култура, традиција и духовност, како трајна врска меѓу Македонците и нивната татковина.

