Изминатиот викенд беше одиграно 3. коло во Првата машка лига, а по три одиграни кола, лидер на листата на стрелците е играч од новиот ракометен клуб и дебитант во прволигашкото друштво, Сокол Саса од Македонска Каменица.

Станува збор за Мирче Ѓеоргиев, кој на три натпревари постигна дури 43 погодоци. Ѓеоргиев беше особено ефикасен против Вардар Неготино, кога постигна 18 гола. На дуелот од второто коло против Шампион стрелаше 12 пати, додека на дебито против Партизан Гевгелија запиша 13 погодоци.
Зад Ѓеоргиев на листата на стрелците се наоѓа ракометарот на Аеродром, Бојан Божиновски, со 30 погодоци. Третото место моментално му припаѓа на Антонио Наковски од Илинден, кој има 26 гола. Васе Петров (Радовиш), Филип Џинес (Текстилец), Мирослав Митевски (Вардар Неготино) и Адис Салиу (Јехона) досега постигнаа по 23 погодоци.
Новото засилување на Овче Поле, Филип Петровски, по три одиграни натпревари има 22 погодоци. По него следуваат Костадин Петров од Вардар Неготино со 21 гол, како и Илија Пејковски (Партизан) и Мартин Бучуковски (Македонија Ѓорче Петров), кои имаат по 20 реализации.

