Градоначалникот Грозданов приреди прием за младите пијанистки од Кочани по настапот во Њујорк
Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, приреди прием за младите пијанистки од ОМУ „Ристо Јуруков“ од Кочани, Теодора Захариева, Андреа Димитрова и Надица Апостолова, кои освоија највисоки награди на Меѓународниот натпревар International Youth Music Competitions – IYMC и како награда настапија на концертот на победниците во Њујорк.

Станува збор за ученички од класата на професорката Елизабета Ѓеорѓиева. Во тимот што настапи во САД недостигаше уште една добитничка на гран-при награда, Мартина Гаврилова, која поради возраста не отпатува во Њујорк.
• Нашите млади пијанисти блеснаа на сцената The DiMenna Center for Classical Music во Њујорк и ова е успех за паметење бидејќи првпат во историјата на училиштето наши ученици настапуваат на друг континент – истакна професорката Ѓеорѓиева.
Директорката на училиштето, Марија Лазарова, нагласи дека успесите се резултат на безброј часови вежбање, истрајност и посветеност.
Градоначалникот Грозданов им го честиташе успехот и истакна дека Општина Кочани преку своите програми продолжува со поддршката на талентираните млади.

