ЖФК Каменица САСА со победа ја отвори серијата пријателски натпревари – Речица совладана со 2:0
Женскиот фудбалски клуб Каменица САСА успешно ја започна фазата на подготовки за новата натпреварувачка сезона. Во првиот контролен натпревар, одигран на гостински терен, избраничките на Зоран Златковски славеа со 0:2 против екипата на ЖФК Речица.
Стрелец на двата гола за каменичкиот тим беше Ана Димитровска, која уште еднаш ја потврди својата голгетерска форма.

Натпреварот послужи како одлична прва проверка за формата и физичката подготвеност на екипата по почетната фаза од подготовките. И покрај тоа што станува збор за пријателска средба, фудбалерките на Каменица САСА покажаа дисциплинирана игра, добра организација во сите линии и голем број шанси пред противничкиот гол.
Од клубот информираат дека продолжуваат со интензивен ритам на подготовки.
Тренерот на ЖФК Каменица САСА, Зоран Златковски, по натпреварот изјави:
„Задоволен сум од прикажаното на првата контрола. Ова беше одлична проверка да видиме каде се наоѓаме по првите денови со напорна работа. Девојките одговорија на задачите, игравме борбено и организирано, а тоа што не примивме гол е исто така важно. Продолжуваме со уште поинтензивни тренинзи, не очекуваат уште неколку пријателски натпревари каде ќе ги темпираме работите за стартот на првенството.“
Од ЖФК Каменица САСА најавуваат дека во наредниот период ќе одиграат уште неколку пријателски натпревари со цел што подобро да ја дочекаат новата сезона, во која влегуваат со високи амбиции.

