Православната Црква денес ја чествува Света великомаченичка Христина – пример за храброст и верност кон Христа
Македонската православна црква – Охридска Архиепископија денес, на 6 август, го празнува споменот на Светата великомаченичка Христина, една од најпочитуваните Христови маченички од раното христијанство.
По тој повод, Каменичката парохија објави пригодна поука за животот и делото на светителката, потсетувајќи на нејзината непоколеблива вера.

Според житието, Света Христина живеела во III век во градот Тир, во Феникија. Била ќерка на незнабожечкиот управител Урбан, кој поради нејзината убавина ја затворил во висока кула, подалеку од луѓето, со намера да ја посвети на идолите.
Како што наведуваат од Каменичката парохија, гледајќи ја убавината на создадениот свет, младата Христина сфатила дека тој не може да биде дело на неми идоли, туку на Еден Творец – живиот Бог. Просветлена по Божја благодат, таа почнала искрено да Го бара и да Му се моли.
Откако ја примила христијанската вера, Христина отворено ги отфрлила идолите и ја исповедала верата во Христа, поради што била подложена на тешки мачења, најпрво од својот татко, а по неговата смрт и од другите управители.
И покрај страдањата и затворањето, таа останала непоколеблива и не се откажала од Христа, славејќи Го Бога и во најтешките моменти. На крајот го примила маченичкиот венец и се преселила во вечниот живот.
Од Каменичката парохија истакнуваат дека животот на Света Христина е потсетник дека верата не зависи од возраста, положбата или околностите во кои живее човекот.
„Човек може да биде млад, а сепак да има силна и зрела вера. Најважно е срцето да биде отворено за Бога и подготвено да ја следи Неговата волја“, се вели во објавата.
Верниците се повикуваат од нејзиниот пример да научат да Го бараат Бога со искрено срце, храбро да ја исповедаат православната вера и да останат верни на Господа и во радост и во искушение.
Објавата завршува со молитва: „Нека по молитвите на светата великомаченичка Христина Господ ни дарува цврста вера, духовна храброст, чистота на срцето и спасение. Света великомаченичке Христина, моли Го Бога за нас!“

