Фудбалот создава пријателства кои траат цел живот, а тоа уште еднаш го потврдија во Македонска Каменица, каде што поранешни фудбалери на ФК Саса повторно се собраа за да се потсетат на времето кога го носеа дресот на клубот.
На покана на долгогодишниот капитен на Саса, Марјан Стојчевски, во Македонска Каменица допатуваа и поранешните фудбалери од Скопје – Драги Стојановски, кој цели 11 години настапуваше за Саса, како и Бранко Петровски и Љупчо Цветковски – Здаре.
Нивното доаѓање беше повод повторно да се оживеат спомените од периодот пред околу четири децении, кога беа дел од клубот и дадоа значаен придонес во неговиот развој. Покрај Марјан Стојчевски, домаќини на средбата беа и поранешните фудбалери Валентин Стојков, Страшо Васовски, Кирил Темчев и Методиј Георгиев, некогашен играч на Саса, кој беше домаќин на дружењето во ресторанот „Осмица“.

Средбата помина во евоцирање спомени за натпреварите, патувањата, победите и пријателствата создадени на фудбалските терени. Учесниците истакнаа дека ваквите собири се можност да се оддаде признание на генерациите кои оставиле свој белег во историјата на ФК Саса и да се зачува традицијата што клубот ја градел низ годините.

ФК Саса и по четири децении останува место кое ги поврзува своите поранешни и сегашни фудбалери, потврдувајќи дека вистинските спортски вредности и пријателства никогаш не избледуваат.
Извор на веста: sportskamreza903.com.mk

