Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска престојува во работна посета на Турција и учествува на Бизнис-форумот Македонија – Турција во Истанбул, упати повик до турските компании да инвестираат во земјава и да станат дел од, како што рече, „развојната приказна на Македонија“.
Обраќајќи се пред претставници на турската бизнис-заедница, Мицкоски истакна дека Северна Македонија и Турција имаат традиционално добри и пријателски односи, кои претставуваат цврста основа за натамошно продлабочување на економската соработка.
– Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции – истакна Мицкоски во своето обраќање на форумот.
Тој нагласи дека државата денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, нудејќи поволни услови за инвестирање.
– Македонија денес се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари – посочи премиерот.
Според него, турските компании преку инвестиции во земјава ќе добијат можност да го прошират своето присуство и да се вклучат во европските синџири на снабдување.
– Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари. Нагласив дека нашата цел е да градиме долгорочни партнерства, кои ќе создаваат нови работни места, поголем економски раст и заеднички успех. Ги поканив турските инвеститори да бидат дел од развојната приказна на Македонија, држава што има јасна визија за иднината, отворена врата за нови инвестиции и силна определба за економски развој – рече премиерот.
Бизнис-форумот во Истанбул има цел да ги поврзе институциите и компаниите од двете земји, да отвори нови можности за соработка и да ги промовира инвестициските потенцијали на Македонија пред турската деловна заедница.
Во изјава по настапот Мицкоски рече дека е во Истанбул заедно со владина, но и со бизнис делегација.
– Ја продолжуваме традицијата на организирање B2B настани и B2B средби, односно тоа што го отпочнавме во Унгарија и тоа што го продолживме во Австрија, потоа со хрватската бизнис заедница на билатералната средба во Охрид, го продолжуваме сега овде во Истанбул. Нашата цел е нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овдека во Истанбул, Турција.

