Денеска се чествува Света Софија со ќерките Вера, Надеж и Љубов – празник посветен на семејството и христијанските добродетели
Православната Црква денеска, на 30 септември, го одбележува споменот на Светата маченичка Софија и нејзините три ќерки Вера, Надеж и Љубов, кои пострадале за Христа во Рим во времето на царот Адријан.

Света Софија, чие име значи мудрост, била христијанска вдовица која своите ќерки ги воспитувала во верата. Пред царот биле изведени кога Вера имала 12, Надеж 10, а Љубов само 9 години. Бидејќи одбиле да се откажат од Христа и да принесат жртва на паганските божества, биле мачени и погубени со меч.
Мајката Софија, која го гледала нивното страдање, три дена се молела на нивните гробови, по што и самата ја предала душата на Бога. Црквата ја слави како маченичка зашто мачеништвото го претрпела во срцето.
Од Каменичката парохија порачуваат дека празникот е потсетник дека домот е првото училиште за вера, а верата, надежта и љубовта се темелот на секое семејство.
