Општина Делчево потпиша Меморандум за соработка во Прага
Делчево отвора ново партнерство насочено кон привлекување инвестиции и зајакнување на локалната економија.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска во Прага, Чешка, потпиша Меморандум за соработка со Чешко-македонската асоцијација за трговија, претставувана од претседателката Љиљана Јовановски Асенов.

Со документот се поставува основа за долгорочно партнерство во областите на економскиот развој, инвестициите, трговските односи, туризмот, претприемништвото и иновациите.
Како што соопшти Гоцевски, целта е Делчево и поширокиот регион да бидат претставени пред чешки и европски деловни партнери како простор со потенцијал за инвестирање, преку промоција на инвестициски локации и подготовка на заеднички проектни предлози.
Посебен акцент во соработката ќе биде ставен на поддршката на малите и средни претпријатија, нивно поврзување со странски партнери и размена на искуства, како и на заедничка подготовка на проекти за финансирање преку европски и други фондови.
Меморандумот опфаќа и соработка во туризмот, гастрономијата, дигитализацијата, енергетиката и одржливиот развој, а за негова реализација се предвидени бизнис средби, конференции и саеми. Документот е склучен на неопределено време и не создава директни финансиски обврски, туку претставува рамка за идни конкретни договори.

