„Авто Атом“ престана со работа: Кочани остана без единствениот меѓуградски превозник
По 24 години работа, компанијата „Авто Атом“ од Кочани престана да сообраќа, со што градот остана без својот единствен превозник кој обезбедуваше редовни локални и меѓуградски автобуски линии.
20 септември беше последниот работен ден за компанијата, но и за нејзините вработени. Според информациите, дел од нив преминале кај други превозници, додека останатите вработени се прогласени за технолошки вишок.
Последното патување на автобус на „Авто Атом“ се реализираше попладнево, на линијата Скопје–Кочани, со поаѓање во 18:30 часот од Скопската автобуска станица. Со работа престана и Туристичката агенција на „Авто Атом“ како и самата Автобуска станица Кочани. Со тоа и официјално заврши работата на компанијата, која го носеше името на поранешното автотранспортно претпријатие „АТОМ“.
„Авто Атом“ во изминатите години се соочуваше со сериозни предизвици во работењето. Пандемијата со коронавирусот остави значителни последици врз јавниот превоз, а дополнителен притисок претставуваше и конкуренцијата од легални и нелегални превозници, кои преземаа дел од патниците на релациите кон Штип и Скопје.
По пандемијата, дел од линиите беа редуцирани, додека возниот парк со години не беше обновуван. Намалувањето на бројот на жители во источниот дел од државата поради иселувањето, зголеменото користење на лични автомобили и променетите навики на патниците дополнително придонесоа за намалување на побарувачката за автобуски превоз.
Пред неколку месеци компанијата беше понудена и на продажба, но засега нема официјални информации дали е пронајден купувач.
Престанокот на работата на „Авто Атом“ претставува сериозен удар за Кочани и околните населени места, особено за повозрасните граѓани кои зависат од редовниот автобуски превоз до Штип, Скопје и другите градови во државата.
По повеќе од две децении, од кочанската автобуска станица заминува превозникот кој беше дел од секојдневието на генерации граѓани и препознатлив кочански бренд на патиштата низ Македонија и странство.

