ДА ГИ ЗАПОЗНАЕМЕ БОГОСЛУЖБЕНИТЕ КНИГИ – СВЕТОТО ПИСМО КАКО ТЕМЕЛ НА ПРАВОСЛАВНОТО БОГОСЛУЖЕНИЕ
Кога ќе влеземе во православен храм, слушаме псалми, евангелски читања, апостолски посланија, молитви и песнопенија. Многумина мислат дека богослужбата е составена само од молитви што ги напишале светителите. Но, вистината е дека темелот на секое православно богослужение е Светото Писмо.
Светото Писмо е Божјото откровение запишано преку боговдахновените писатели. Тоа се состои од Стариот и Новиот Завет. Стариот Завет го подготвува доаѓањето на Спасителот, а Новиот Завет го сведочи исполнувањето на Божјиот план за спасението преку Господ Исус Христос.
Целото православно богослужение е проникнато со библиски текстови. Речиси и да нема богослужба во која не се чита или пее дел од Светото Писмо.
Во текот на Вечерната се пеат псалми, особено 103-oт псалм („Благословувај Го, душо моја, Господа“), а на празници се читаат и старозаветни паримии, кои пророчки го навестуваат настанот или светителот што се празнува.
На Утрената повторно се читаат псалми, а врвот на богослужбата е читањето на воскресното или празничното Евангелие.
На Светата Божествена Литургија секогаш се читаат две библиски читања: најнапред Апостолот, а потоа Светото Евангелие. Црквата внимателно го распоредила читањето на Светото Писмо во текот на целата година, така што верниците постепено се запознаваат со спасоносната порака на Евангелието и апостолските посланија.
Псалмите се присутни речиси на секоја богослужба. Од нив се составени антифоните, прокимените, алилујариите, причасните стихови и многу други песнопенија што ги слушаме во храмот.
Дури и голем број молитви што ги чита свештеникот содржат библиски изрази и мисли. Затоа Светото Писмо не е само книга што се чита дома, туку е срцето на целиот богослужбен живот.
Но, Православната Црква никогаш не го одвојува Светото Писмо од Светото Предание. Самата Црква го составила канонот на библиските книги, ги сочувала нивните текстови и ни го предала правилното разбирање преку светите Отци и Вселенските Собори. Затоа Светото Писмо најправилно се разбира во животот на Црквата, а не според лично толкување.
Кога внимателно учествуваме на богослужбата, ние всушност постојано го слушаме Божјото слово. Така Христос продолжува да ни зборува денес, исто како што им зборувал на Своите ученици.
Од Светото Писмо: „Целото Писмо е боговдахновено и полезно за поука, за изобличување, за поправање и за воспитување во праведноста.“ (2. Тимотеј 3,16)
Да се запрашаме: Дали внимателно ги слушам читањата од Апостолот и Евангелието на богослужбите, знаејќи дека преку нив самиот Господ ми зборува?

