На 2 август, според православниот календар, верниците го одбележуваат празникот посветен на Светиот пророк Илија, еден од најпочитуваните старозаветни пророци и голем ревнител за верата во вистинскиот Бог.
Свети Илија живеел околу девет века пред Христовото раѓање, во времето на израелскиот цар Ахав. Тој бил познат по својата непоколеблива вера и борба против идолопоклонството, кога многумина го напуштиле Бога и му се поклонувале на богот Ваал.
Според Светото Писмо, пророкот Илија направил бројни чуда. По негова молитва, дожд не паднал три години, а кога народот повторно се свртел кон Бога, тој повторно измолил дожд. На гората Кармил го победил жреците на Ваал, покажувајќи дека вистинскиот Бог е Господ.
Едно од најголемите чуда поврзани со него е воскресението на синот на вдовицата кај која престојувал за време на сушата. Свети Илија останал запаметен и како пророк кој бил вознесен на небото во огнена кочија, без да ја вкуси смртта.
Во народната традиција, Свети Илија е познат како господар на громовите и молњите. Се верува дека тој се вози низ небото во огнена кочија и ги победува силите на злото, поради што неговиот празник често се поврзува со летни грмежи и невремиња.
Во македонската традиција, Илинден има и посебно историско значење. На истиот ден се одбележува и Илинденското востание од 1903 година, како и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, поради што 2 август е еден од најзначајните датуми во македонската историја.

