Утре е Духовденска задушница — ден кога молитвено се сеќаваме на нашите упокоени, на нашите родители, дедовци, баби, роднини и пријатели кои заминале од овој свет со надеж во воскресението.
Но, задушницата не е само ден за посета на вечните поливалишта, туку пред сè ден за молитва, покајание и духовна љубов кон оние што ги сакаме.
Најголемото нешто што можеме да го направиме за нашите покојни не е храната што ја носиме, ниту богатите трпези покрај гробовите, туку нашата искрена молитва. Душите на упокоените немаат потреба од раскош и надворешни обичаи, туку од милост Божја, од нашите солзи, од нашите молитви и од нашето присуство на Светата Литургија.
Црквата нè учи дека токму на Светата Божествена Литургија најсилно се соединуваме и со живите и со упокоените. Кога свештеникот ги вади честичките за имињата на нашите покојни и ги става во Светата Чаша, тоа е најголемиот дар што можеме да им го принесеме. Затоа е важно да не ја замениме молитвата со обичај, ниту верата со форма.
Во неделата на Педесетница – Духовден, особено значајна е и вечерната богослужба со коленопреклони молитви. После долг период во кој не се клекнуваше поради радоста на Воскресението, верниот народ повторно коленичи пред Бога и со смирение го повикува Светиот Дух да слезе врз нас, врз нашите домови и врз душите на сите упокоени. Тоа е момент на длабоко покајание, духовно обновување и враќање кон Бога.
Да не дозволиме задушницата да се сведе само на обичај, храна и формалност. Да ги посетиме храмовите, да се помолиме за нашите ближни, да запалиме свеќа со вера и љубов, да простиме, да се смириме и да се сетиме дека и ние сме минливи на овој свет.
„Вечен спомен“ не се изговара само со усните, туку со молитва, љубов и живот во Христа.

