ОУ ,, Кирил и Методиј”, Македонска Каменица.
Некогаш, некој далек 24 Мај.
Пане директорот, потоколарно пристоен, оделосан и машносан лик, прав раководител, преку звучникот најавува а во сите училници се слуша..
– Приредбата по повод ,,Патрониот празник” на нашето училиште, за учениците ќе биде во 11 30, ,,Свечената академија” за возрасните , 18 30, кино сала. Часовите скратени, наставниците по физичко за утре нека ги спремаат екипите за турнирот во мал фудбал.
,, Академијата” мислиш колосеумот во Рим.. Перфектни рецитали и изведби пред сериозен свет од провинцискиот формиран џет сет.
Рудничкиот естаблишмент, Симо, Тише, Ване Ацек, од задругите трговците, Јован, Бркo, Станојко, сите со жените, милициски и ЈНА великодостојници…
Организацијата на содржинскиот дел од манифестацијата, Мајка ми, Павлина наставничката, Боре по македонски, Симката Музичаро.
Рецитали, хорови, инструменти и есеји..
Безбедносниот сегмент под притаен надзор на Велко, Тетино Богатин, Трајката по физичко. Пиле тешко да прелета, како 14 Конгрес на СКЈ да се обезбедува.
Шпиц чевлите светат и мирисаат на боја, жени со марами и ѓердани, работништво во публиката на пиедестал и во радост после завршената строфа на нивниот ученик на бината.
Некој Мај, 24, некоја сончева пролет во Каменица, преполна зеленило и трендафили.
Излегуваат од салата и сите разговараат. Без планови, нематеријално, разговараат за напредок и завршуваат некои како домаќини некои како гости.
Леден колач, два шамари на ученикот и насоки да се средат оцените.
Другиот ден фудбал за машките и ракомет за девојчињата.
Трајката по физичко го чекаме како ладна вода.
Неверојатен лик чија харизма и острина се комплетно прилагодена на туѓата младост. Легнуваат како шака на око.
Таа ноќ не спиеш. Финале КЕШ, мислиш Ливерпул- Јувентус!
Утре е нова приредба, , Ден на младост”.
Се е свечено, се е сјајно, проблеми има ама се решаваат.
На јарболите во воздух, високо кренати знамиња а на копно, баш расположение, работа и прослави.
Некоја сончева пролет некогаш.
На денот на сесловенските просветители, солунските свети браќа ,, Кирил и Методиј”.
Нека ми опростат сите неспоменати ликови од таа периода, добро упатените знаат на кој мислам, легендарни дејци чие учество у нашата младост, даде немерлив допринос од сите страни гледано..
За нив у скора прилика..

*Авторот е наш поранешен сограѓанин, тогашен ученик во ОУ “Кирил и Методиј” Македонска Каменица. По преселбата во Делчево, денес живее и работи во Скопје.

