Во Македонска Каменица вчера се одржа 4. издание на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“. Фестивалот го отворија директорот Миле Ѓорѓијоски и градоначалничката Каменица Соња Стаменковска, а присутните ги поздрави и новинарот и публицист Љупчо Јолевски. Артистот и водител Игор Трпчевски читаше поезија од Тихомир Јанчовски. Настапија и актерот Благој Чоревски и членовите на фолклорната група „Копчака“ од селото Драмче Делчево.
Јаков од Камена Река, добитници на признанија
Фестивалот беше отворен со Саем на книги на добитниците на награди од сите досегашни фестивали и на членовите на Советот. Синоќа беа врачени и наградите на годинешните лауреати: Проектот „Македонисимо“, за промоција на македонската музичка култура во светот, проф. д-р Боце Митревски, за високи дострели во науката, д-р Сања Пановска, а високи дострели во науката како млад научник, проф.д-р Горан Калоѓера, за промоција на македонскиот јазик, литература и култура, Тошо Филиповски, за публицистика и промоција на македонската современа музика, Константин Качев, за промоција на македонската визуелна уметност во светот, проф. д-р Стојко Стојков, за придонес за истражување на македонската историја, актерот Благоја Чоревски, доајен на македонското глумиште, групата „Копачка“, промотор на македонската фолклорна традиција во светот, Роберт Јануловски, за промоција на македонската уметничка промоција во светот „Металотехника-Прилеп“, за иновации и „Макпрогрес“ Виница, за помош при организација на фестивалот.
Фестивалот го носи името на патронот – Јаков од Камена Река, првиот македонски печатар. Приказната почнува во 1566 година кога Јаков од Камена Река (денешна Македонска Каменица) само еден век откако Гутенберг ја измислил печатарската машина, заминува во Венеција каде ја закупил (или купил) и возобновил печатницата на Божидар Вуковиќ и во неа отпечатил Часослов на црковно-словенски јазик во 1566 година.
– Часословот е една од најстарите книги напишани на црковно-словенски јазик и национално богатство за кое треба да се знае, кое ќе се пренесува како наследство на идните генерации. Наследство, кое треба да ни биде поттик за афирмација и користење на кирилицата во секојдневието, во образованието, културата. Со еден добро зачуван примерок располага и НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје – велат од фестивалот.
Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ го чествува неговиот лик и дело, помеѓу останатите активности поддржувајќи ги македонските автори од сите области на образованието, културата и науката и поттикнувајќи ја љубовта кон македонскиот јазик и кириличното писмо, идентитет, културното и фолклорно богатство и традиција.
Меѓу досегашните добитници се Љупчо Коцарев, Драган Даутовски, Катерина Тодороска, Бранислав Светозаревиќ, Гоце Дуртаноски, Орце Симов и други.








