Исцелителната моќ на светецот Пантелејмон и светата вода покрај манастирот што го носи името на светиот лекар кој го оздравува и духот и телото на верниците, и оваа година ги собра верниците од Истокот под ѕвезденото небо на Голак, на највисокиот врв Чавка, да ја продолжат традицијата со големиот Голачки собор.
- Баба ми доаѓаше со магаре, носеше курбан и преспиваше и мило ми е што продолжува оваа традиција, вали жителка на Делчево.
- Ние сме од Благоевград и дојдовме специјално за овој празник, бевме и до црквата, а сега ќе го гледаме и концертот. Навистина е преубаво, рече гостинка од Благовеград Бугарија.
Стариот манастир беше претесен да ги собере сите верници кои палеа свеќи за здравје продолжувајќи ја вековната традиција поврзана со овој празник.
- Свети Пантелејмон е роден во градот Никомидија во третиот век. Уште во детството бил воспитуван во христијанската вера, бидејќи мајка му била христијанка. Го изучил и лекарскиот занает и лекувал од многу болести, изјави свештеник Васко Шантовски.
Со Голачкиот собор живее и фолклорната традиција. Годинава, Голачките фолклорни средби, идеја на вљубеници во фолклорот од Делчево, одбележаа 23 години од постоењето, а на сцената под ѕвезденото небо на Голак, настапија 12 фолклорни друштва од Македонија, Бугарија, Турција
- Првпат доаѓаме, убаво место, убава традиција, рече Весна Павловска, ФГ од Демир Капија.
- Среќна сум што за втор пат сме дел од оваа убава манифестација и учествуваме на фестивалот со големо задоволство и сме среќни бидејќи сме дел од учесниците кои ја поддржуваат изворната традиција, кажа членка на ФГ од Добриниште.
- Трета година идиме и со задоволство учествуваме на овој фестивал, овде создаваме нови врски и контакти со другите групи кои настапуваат, кажа нејзина колешка.
- Оваа година фестивалот има голем квалитет, сите групи настапуваат со свои оркестри, истакна Љупчо Петровски, организатор од НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Општина Делчево, а во организација на НУЦК Никола Јонков Вапцаров.
Извор: СтарТв Штип

