
СВР Скопје преку соопштение извести дека започна со реализација на посебен план за зголемување на безбедноста во сообраќајот на подрачјето на главниот град, и тоа преку засилени и интензивни сообраќајни контроли, со посебен фокус кон помладите категории возачи, како и возачите на моторцикли.
Началникот на Одделението за превенција при СВР Скопје, Билјана Милевска, на вчерашната промоција на новите оперативни мерки изјави дека во последниот период се поголем е бројот на моторцикли кои се движат со голема брзина и притоа создаваат бучава, нарушување на јавниот ред и мир и неспокојство кај граѓаните.

Оваа појава е особено присутна во вечерните часови и дневно во текот на викендите, а таквото поведение директно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Токму затоа, СВР Скопје е решен да ја елиминира опојавата на таканаречени “диви трки“ на моторни возила.
Пред два дена СВР Скопје започна со активностите предвидени во подготвениот план, а во неговото реализирање се вклучени голем број на единици од секторот за внатрешни работи. Во текот на вчерашниот ден, но и во саботата се изречени голем број на казни за непочитување на правилата.
За немање на заштитен шлем изречени се 10 мерки, за неосење возачка 5 мерки, 2 за непоседување на возачка дозвола, 1 за возење на моторцикл под дејство на алкохол, управување несоодветна категорија 4 мерки, незастанување на даден знак – 1 мерка, како и 4 мерки за нерегистрирано возило или истечена регистрација.
Исто така од страна на Одделението за Безбедност на патниот сообраќај изречени се осум мерки кон возачи на моторцикли, како и 14 мерки по основ на Законите за безбедност на патниот сообраќај и за возила, од кои шест мерки се однесуваат на пречекорување на брзината на движење.
Извор: vrabotuvanje.com
