Дербито на четвртото коло од „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени ѝ припадна на актуелниот шампион. Кошаркарките на Крива Паланка одиграа квалитетен натпревар и заслужено славеа убедлива победа над Баскет Кам (81:66), со која стигнаа до вториот триумф во новата сезона.
КРИВА ПАЛАНКА – БАСКЕТ КАМ 81:66
Истиот биланс (2-2) го има и нивниот ривал од Македонска Каменица.Домашната екипа уште од почетокот ја презеде контролата врз резултатот. По првите десет минути имаше предност од осум поени (20:12), која на полувремето ја зголеми на двоцифрена (37:27). Крива Паланка продолжи во ист ритам и во третиот период, па пред последните десет минути имаше убедливи 56:42.
Прво име во победничкиот состав беше Таниа Гордон, која оствари извонреден учинок од 31 поен, 19 скока и седум асистенции. Значаен придонес имаше и Груевска со 21 поен, четири скока и три асистенции.
Кај Баскет Кам, кој го претрпе вториот последователен пораз, најефикасна беше Митева со 26 поени. Адамовска забележа дабл-дабл од 18 поени и 13 скока, дополнет со пет асистенции, додека Дојчинова постигна 12 поени.

