ДАНЧЕ Д. ГОЦЕВСКА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ФУНКЦИЈАТА ДИРЕКТОР НА СОУ „МИЛЕ ЈАНЕВСКИ ЏИНГАР“
По пет години на чело на гимназијата во Македонска Каменица, таа порача дека заминува побогата со искуство и подготвена за нов почеток

Македонска Каменица, 04. Септември 2026 година – Директорката на СОУ „Миле Јаневски Џингар“ во Македонска Каменица, Данче Д. Гоцевска, денеска официјално поднесе оставка од функцијата.
Одлуката, по петгодишниот мандат, ја соопшти преку јавно обраќање до учениците, родителите, професорите и вработените.
„Имав чест и привилегија да бидам дел од едно прекрасно училишно семејство“, истакна Гоцевска, упатувајќи благодарност за енергијата на учениците, довербата на родителите и посветеноста на колективот.
Во своето обраќање таа нагласи дека во текот на целиот мандат се водела исклучиво од интересите на учениците и вработените, а зад себе остава бројни реализирани проекти и активности кои, како што вели, го направиле училиштето подобро, помодерно и поблиску до сите.
„Проектите се многубројни и нема потреба да ги набројувам – доволно е да го погледнете профилот на училиштето Sou Mile Janevski Dzingar и сè што е реализирано во изминатите пет години“, наведе таа.

Гоцевска порача дека оставката за неа не претставува крај.
„Секое завршено поглавје носи нов почеток. Оставката од функцијата директор за мене не е крај, туку нова можност за раст, развој и создавање. Заминувам побогата со искуства, поучена од предизвиците и подготвена за следните чекори“, стои во нејзиното проштално обраќање.
Причините поради кои Гоцевска се повлекува од функцијата, не се наведени во нејзиниот емотивен текст објавен на социјалните мрежи. Кој ќе ја извршува функцијата в.д. директор на СОУ „Миле Јаневски Џингар“ до изборот на нов директор, до овој момент не е соопштено.
Линк: https://www.facebook.com/share/p/1GpneDNYT6/

