ВОЗЉУБЕНИ БРАЌА И СЕСТРИ ВО ХРИСТА,
На 28 август (петок) Светата Православна Црква молитвено го прославува големиот празник Успение на Пресвета Богородица – празникот на нејзиното преминување од земниот во вечниот живот, празник на надежта дека смртта не е крајот за оние што живеат во Христа, но и празник на нашата општина Македонска Каменица.
За нашата парохија овој празник има особена радост, бидејќи храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица ја прославува својата храмова слава.
Празнувањето ќе започне уште во четврток, 27 август, во 15:00 часот, со празнична Вечерна богослужба, со која ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство, Епископот Делчевско-каменички г. Марко.
На самиот празник, 28 август, ќе бидат отслужени Празничната Утрена и Светата Божествена Литургија, на кои сите заедно ќе ја прославиме Пресветата Богородица и ќе Му благодариме на Бога за Неговата неискажлива милост.
Ова нека не биде само уште еден празник што ќе го одбележиме со честитка и фотографија. Нека биде празник на нашето срце.
Да се подготвиме со молитва, со покајание, со простување и со помирување со ближните. Да ги оставиме непотребните грижи и расправии и да пристапиме кон храмот со желба вистински да учествуваме во светата богослужба.
А особено, оние кои со благослов на духовникот се подготвуваат за Светата Причест, нека ги искористат овие денови за пост, молитва, исповед и духовна подготовка, за на празникот со страв Божји, вера и љубов да пристапат кон Светата Чаша.
Пресвета Богородица нека биде наша застапница пред својот Син и нека ги прегрне со својата мајчинска молитва сите оние што ќе дојдат во нејзиниот храм.
Да дојдеме сите заедно – деца, млади, родители и повозрасни. Да не дозволиме празникот да помине без нас. Да дојдеме да се помолиме за нашите семејства, за нашите деца, за болните, за оние што страдаат, за живите и за упокоените.
Да дојдеме во домот на Пресветата Богородица, за таа да нè приведе кон својот Син, нашиот Господ Исус Христос.
27 август – 15:00 часот
Празнична Вечерна богослужба
Чиноначалствува: Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко
28 август – Успение на Пресвета Богородица
07.00 Празнична Утрена
08.00 Света Божествена Литургија
Пресвета Богородице, спаси нè!
Нека молитвите на Пресветата Богородица бидат со сите нас и нека нејзиниот благослов го исполни нашиот храм, нашите домови и нашите срца со мир, љубов и надеж.
Добредојдени сте сите на нашата храмова слава!
Да го прославиме празникот заедно – со молитва, со љубов и со Христа во нашите срца.

