Претрес во виничко Јакимово лишени од слобода две лица, пронајдени дрога и пушка
На 11.07.2026 во 23:20 часот во с. Јакимово, виничко, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница во содејство со полициски службеници од ОВР Виница ги лишија од слобода К.С. (28) и М.С. (31), двајцата од с. Јакимово.
При преземање мерки и активности по претходно изготвен план, полициските службеници се обиделе да сопрат патничко возило „фолксваген“ со винички регистарски ознаки, управувано од К.С., во кое М.С. бил сопатник. Притоа, од возилото бил фрлен кокаин.
На 12.07.2026 во 07:10 часот во с. Јакимово, врз основа на наредба од Основен суд Виница, полициски службеници од НККР Виница извршија претрес во домот и простории што ги користеле лицата. При претресот биле пронајдени и одземени кокаин, канабис, дробилка со остатоци од канабис, пушка „валтер“ со калибар 4,5 мм, пари и други предмети кои потекнуваат од кривично дело.
Против лицата е поднесена кривична пријава за постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Тие се спроведени пред судија на претходна постапка во Основен суд Кочани, кој им изрекол мерка притвор.
Извор: Дневен Билтен на МВР

