Понекогаш една снимка трае само неколку минути, но остава рани што траат со години.
Деновиве повторно бевме сведоци на вознемирувачко видео во кое неколку девојчиња сурово понижуваат свое врсниче. Додека едното дете плаче, моли да престанат и беспомошно ги трпи ударите, другите се смеат, снимаат со телефон и уживаат во неговото понижување.
Најстрашното во ваквите сцени не се само шамарите. Најстрашно е кога ќе исчезне сочувството. Кога детските очи повеќе не препознаваат солзи, туку забава. Кога туѓата болка станува повод за смеа, а не за прегратка.
Тогаш треба да си го поставиме прашањето: Каде децата научија дека човекот не вреди?
Ниту едно дете не се раѓа насилник. Ниту едно дете не се раѓа без љубов. Децата го впиваат она што секојдневно го гледаат, слушаат и доживуваат. Ако ги воспитуваме дека мора секогаш да бидат „најсилни“, „најважни“, „над сите“, дека никој не смее да им се спротивстави и дека секогаш тие се во право, тогаш незабележливо во нивното срце ја сееме гордоста. А гордоста, кога ќе порасне, лесно се претвора во презир кон другиот човек.
Светото Писмо нè учи дека човекот не се воздигнува кога ќе ги понижи другите, туку кога ќе се смири. Вистинската сила не е во тоа да го натераш послабиот да плаче, туку да му подадеш рака кога плаче.
Децата не се наша сопственост. Тие се Божји дар, доверен на нашата грижа. Родителството не е само радост, туку и голем подвиг, голема одговорност и крст. Бог не нè прашува само дали сме ги нахраниле, облекле и школувале нашите деца. Ќе нè праша и какви луѓе сме ги воспитале.
Дали ги научивме да кажат „прости ми“?
Дали ги научивме да не се потсмеваат на туѓата слабост?
Дали ги научивме да го заштитат оној што е навреден, наместо да му се придружат на оној што навредува?
Дали ги научивме дека секој човек е создаден според образот Божји?
Нашите деца нема да нè запомнат по тоа колку играчки сме им купиле, ниту по тоа каков телефон имале. Ќе нè запомнат по вредностите што сме ги всадиле во нивните срца. А тие вредности не се учат само со зборови. Тие се учат кога детето ќе го види таткото како простува. Кога ќе ја види мајката како покажува милосрдие. Кога семејството ќе се моли заедно. Кога неделата ќе започнува со Светата Литургија, а не само со трговски центри, телефони и социјални мрежи.
Дете што расте со Христос не станува совршено, но учи да се покае кога ќе погреши, да заплаче за туѓата болка, да помогне наместо да понижува и да сака наместо да мрази.
Да не ги учиме нашите деца дека вредат повеќе од другите. Да ги учиме дека секој човек има бесценета вредност пред Бога.
Да не ги воспитуваме да бидат победници по секоја цена. Да ги воспитуваме да бидат добри луѓе.
Зашто светот денес нема најголема потреба од уште помоќни, побогати или попознати луѓе. Светот има потреба од луѓе со чисто срце.
А токму такви деца ќе израснат само ако уште од најмала возраст ги учиме да живеат во Христа, да љубат, да простуваат, да сочувствуваат и да го гледаат ликот Божји во секој човек.
Само така ќе воспитаме поколение кое нема да снима туѓо страдање, туку ќе го прекинува. Само така ќе имаме деца кои нема да бидат причина за нечии солзи, туку причина некој повторно да поверува дека добрината сè уште постои.

