Директорот на Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов во работна посета на македонската заедница во Мерано
Мерано, 18 јуни 2026 — Зајакнување на врските со дијаспората и поддршка на црковниот живот на Македонците во северна Италија беа во фокусот на работната посета на директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, на македонската заедница во Мерано.

За време на престојот во регионот Алто Адиџе, Ангелов оствари средба со заменик-градоначалникот на Мерано, Нерио Закариа, и со советникот во Општината Болцано, Мирче Христов. На средбата се разговараше за положбата и потребите на македонската заедница во регионот, како и за активностите поврзани со црковниот живот на иселениците.
Соговорниците разменија мислења за можностите за продлабочување на соработката меѓу локалните власти и македонската заедница, со акцент на културната интеграција и зачувувањето на верските и националните традиции.
Во рамки на посетата, директорот Ангелов се сретна и со Неговото Високопреосвештенство г. Пимен, кој оваа недела ќе ја предводи првата Архиерејска Литургија во Црковната општина „Св. Кирил и Методиј“ во Трентино. Настанот се оценува како значаен чекор за духовното обединување на Македонците во овој дел на Италија.

Од Агенцијата за иселеништво нагласуваат дека ваквите директни средби со дијаспората се клучни за одржување на континуирана комуникација, идентификување на реалните потреби на иселениците и креирање конкретни мерки за поддршка на македонските заедници во странство.

