Ротари клуб Кочани–Виница донираше медицинска опрема за Клиничка болница Штип
Штип – Ротари клуб Кочани–Виница донираше медицинска опрема за Одделението за урологија при Клиничка болница Штип. Од средствата на клубот е набавен цистоскоп во вредност од 212.000 денари.

Покрај цистоскопот, со поддршка на партнерите LetzCare, Сафет Алили и GNTC Foundation од Косово, на болницата ѝ беа предадени и 10 концентратори за кислородна поддршка, 10 инвалидски колички, 32 ролатори за поголема подвижност на пациентите, 2 моторизирани лифта за физикална терапија, медицински кабли, инфузиски комплети Venofix, санитарни прекривки за душеци, медицински помагала, санитарен материјал за операции и секојдневна работа, како и друг медицински инвентар.
Од Ротари клуб Кочани–Виница изразија благодарност до партнерите LetzCare, Сафет Алили и GNTC Foundation за довербата и хуманоста. „Нивната поддршка овозможува реализација на проекти што директно придонесуваат за подобрување на условите за лекување и грижата за пациентите. Заедно покажуваме дека хуманоста и партнерството создаваат вистинска вредност за заедницата“, велат од клубот.

Посебна благодарност беше упатена и до раководството и медицинскиот персонал на Клиничка болница Штип за успешната соработка и посветеноста кон пациентите.
Од Ротари клуб Кочани–Виница најавија дека продолжуваат со нови проекти и донации за помош на граѓаните на кои таа им е најпотребна, водејќи се од мотото „Service Above Self“.

